Почитувани колеги,

Со задоволство го најавуваме 21. Меѓународен Симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија (ДГКМ). Симпозиумот ќе се одржи на 24-27 септември, 2025 година, во Inex Olgica Hotel & Spa во Охрид, Северна Македонија.

Покрај другите професии, и градежното конструкторство е сè повеќе изложено на влијанијата на Вештачката Интелигенција, Големите бази на податоци, брзата Сензорна и IoT технологија. Покрај придонесот во аналитичките капацитети, дигитализацијата овозможува автоматизација и на одредени градежни процеси, како употреба на роботи за 3D печатење на елементи и конструкции, дронови за инспекција со кои се зголемува продуктивноста, но и безбедноста на работните места.

Истражувајќи ги границите помеѓу реалните и виртуелни простори, не може а да не се запрашаме како овие нови технологии ќе ја реобликуваат нашата професија. Дали со информациските и BIM технологии, процесот на проектирање и градење ќе биде поефикасен? Колку ќе придонесе револуционерниот подем во следење на однесувањето на конструкциите за нивното одржување? Дали дигиталните близнаци ќе овозможат комплетно предвидувачки модели, олеснувајќи го процесот на издавање дигитални градежни дозволи?

Дигиталната ера забрзано ги поместува границите на човечкото делување. За размена на најновите сознанија и искуства во оваа област Ве очекуваме на 21. ДГКМ Симпозиум на тема: Градежно конструкторство – без ограничувања.

На Симпозиумот ќе гостуваат избрани светски експерти од областа со повикани предавања. На локацијата на која ќе се одржува Симпозиумот ќе биде обезбеден специјален изложбен простор за спонзорите и поддржувачите на настанот. Ќе бидат прифатени научни и стручни трудови од следните теми:

  • Теориски и експериментални анализи на конструкции
  • Современи методи за проектирање и изведба на конструкции
  • Следење на состојбата, однесувањето и оштетувањата на објектите
  • Одржување, поправка и зајакнување на објектите
  • Доверливост и трајност на конструкциите
  • Информациски и БИМ технологии во градежното конструкторство
  • Современи материјали и технологии за одржлив развој
  • Паметни згради и инфраструктурни објекти
  • Дигитални близнаци и дозволи за градба
  • Вештачка интелигенција и машинско учење